Кога мама плаче навечер, ова мече ми е единствената другарка…
-Влеговме во мала трошна куќа на крајот од градот. Внатре беше ладно, исто како надвор. Немаше струја. Немаше вода. Во аголот седеше мајка завиткана со старо ќебе, а до неа две мали деца. На масата имаше само половина сув леб и чаша вода. Кога влеговме, најмалото девојче веднаш стана и тивко праша: -Дали денес ќе имаме нешто за јадење? Никој од нас не знаеше што да каже. Мајката почна да плаче и само ни рече: -Не барам многу… само сакам децата да не ми легнуваат гладни. Во тој момент едно од децата извади старо, искинато мече без едно око и ни рече: -Ова ми е единствената другарка кога мама плаче навечер. Тишината тогаш нè скрши сите. И токму поради ваквите моменти ние не се откажуваме, за ВИКИМЕДИА раскажува младата Софија Иванова, која четири години е дел од Клуб на млади при Општинската организација Црвен Крст – Неготино.

Во Неготино 35 млади ентузијасти водени од хуманоста, менуваат човечки животи. Тие стојат зад еден од можеби најинспиративните и солидарни проекти во општината, Промоција на хумани вредности (ПХВ), а минатата година по цели десет години на градот му го донесоа пехарот, кој го доделува Црвен крст на Македонија за најуспешно реализиран проект.
И годинава, водени од желбата да помогнат на своите сограѓани од социјален ризик, тие се надеваат дека повторно ќе ја направат општината горда и ќе и донесат ново национално признание.
-Заедно со дисеминаторот Трајче Бинов, професор во неготинската гимназија, и со поддршка од Црвениот крст, пет мини ментори и десетици волонтери речиси секој ден работат на нови активности. Организираме турнири, стоиме зад хуманитарни настани, влегуваме во домови каде владее тешка тишина опкружена со ѕидови кои се распаѓаат. Во ова време кога често слушаме критики на сметка на младината, ние со сопствен пример покажуваме дека не го трошиме времето залудно, туку носиме надеж и верба во срцата на наши сограѓани кои минуваат низ тежок период и на кои им е неопходна помош, вели Софија.
Додава дека за нив ПХВ проектот не е само проект, туку борба во која максимално се вложуваат, и дека за нив освојувањето на пехарот е признание, но не и најголема победа, бидејќи секогаш се чувствувале како победници кога ќе виделе насмевка на лицето на дете кое било гладно.
-Не се опишува со зборови чувството кога ќе слушнеме –Благодариме што не нè заборавивте, кога ќе не прегрнат лицата во чиј дом сме донеле надеж. Токму поради тоа, продолжуваме со нови акции, дружби со деца, настани организирани на градскиот плоштад, интеркултурни средби што обединуваат различности, спортски турнири…
Сакаме да го разбудиме градот, да дојдат луѓе на настаните, да не поддржат, да се вклучат во градењето на една солидарна заедница и да бидат дел од промената. Неготино е наш град и ние ќе направиме сè за да остане жив, вели Иванова, во име на сите млади волонтери кои покажаа дека хуманоста е жива во градот, а секој поединец со сопствен пример може да биде дел од промената која ќе го направи Неготино подобро место за живеење.
Вики Клинчарова

