Светски познатиот француски диџеј и продуцент Дејвид Гета повторно доаѓа во Македонија, десет години по неговиот последен концертен настап во Скопје. Според најавите, Гета ќе настапи на Градскиот стадион во Скопје со својот нов музички сет, во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија.
Концертот ќе биде организиран со поддршка на Авалон Продукција, а организаторите најавуваат дека влезот ќе биде целосно бесплатен за сите посетители. Се очекува настанот да привлече илјадници фанови од земјава и регионот, со оглед на популарноста на еден од најголемите имиња на светската електронска сцена.
Серијата настани посветени на јубилејот ќе се одржува во периодот од 8 август до 8 септември, додека концертот на Гета е планиран како финален музички спектакл на прославата. Организаторите најавуваат продукција на високо светско ниво, со аудио-визуелно шоу и сценски ефекти карактеристични за настапите на францускиот артист.
Дејвид Гета важи за еден од највлијателните диџеи и продуценти во светот, со бројни глобални хитови и соработки со најголемите музички ѕвезди. Неговото враќање во Скопје веќе предизвика голем интерес кај публиката, а повеќе детали за датумот и организацијата се очекуваат во наредниот период.
Деск

