Инцидент кој се случил завчера во основно училиште во Општина Гази Баба, каде 15-годишник влегол во објектот и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на врсник кој учел во училиштето, ја вознемири јавноста.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека случајот бил пријавен во 14:50 часот, а полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 15-годишникот кој нападнал со остар предмет. Предметот, велат од МВР, е одземен и по целосното документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Според првичните неофицијални информации, нападот се случил во училишните тоалети, а деветто-одделенецот со повреда во пределот на црниот дроб бил опериран.
По повод настанот дел од медиумите објавија дека детето се наоѓа во критична состојба, но градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски објави дека разговарал со членови на семејството на повредениот ученик и бил информиран дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување.
Стефковски изрази најостра осуда за чинот и порача дека насилството не може да се оправда со ништо. Истакна дека Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Деск
НАПАДОТ СО НОЖ ВРЗ ДЕВЕТТО-ОДДЕЛЕНЕЦОТ СЕ СЛУЧИЛ ВО УЧИЛИШНИОТ ТОАЛЕТ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СТЕФКОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ДЕТЕТО Е ВО ДОБРА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА
1 Min Read

