Во пресрет на Меѓународен ден на пчелата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ја посети Гевгелија, каде што присуствуваше на настан посветен на значењето и развојот на пчеларството и посети пчеларска фарма во регионот.
Од Министерството информираа дека пчеларството претставува значаен сектор во македонското земјоделство, при што во државата околу 6.000 пчелари се грижат за повеќе од 300.000 пчелни семејства. Во Југоисточниот регион функционираат над 500 одгледувалишта со повеќе од 22.000 пчелни семејства.
Трипуновски истакна дека Министерството продолжува со поддршка на пчеларите преку финансиски мерки, едукација и воведување современи практики во производството.
„Минатата година воведовме мерка за инвестиции во опрема за поставување електрични огради, со цел заштита на пчеларниците од дивеч“, изјави министерот.
Тој посочи дека преку кампањата „Македонско најдобро“ се поттикнува купувањето домашни земјоделски производи, меѓу кои и медот и пчелните производи, со што директно се поддржуваат домашните пчелари и македонската економија.
Деск
ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ОКОЛУ 6.000 ПЧЕЛАРИ КОИ СЕ ГРИЖАТ ЗА НАД 300.000 ПЧЕЛНИ СЕМЕЈСТВА
1 Min Read

