-Убавината никогаш не ми донесе ништо добро во животот, а додека живеев во странство, ми носеше само опасни моменти, бидејќи секакви луѓе ми се наметнуваа и ме опколуваа, раскажуваше таа во постаро интервју. Беше една од најубавите жени во Југославија и успешна уметница пред која после нејзиниот концерт во Франција на колена клечел големиот Салвадор Дали воодушевен од нејзината убавина и глас, а била доведена до состојба кога за да се прехрани и да исплати насобраните долгови, морала да го распродаде својот мебел.

На 87-годишна возраст во Белград почина Оливера Петровиќ, позната како Оливера Катарина, жената која оствари богата кариера на филмското платно, во музиката и театарот и која има одржано 72 концерти во париска Олимпија.
И покрај популарноста, последните години од животот ги поминала живеејќи повлечено во Белград, соочена со финансиски проблеми. Помеѓу пријателите била позната како горда жена, која никогаш не сакала да побара помош, и се борела сама.
Имаше 60-годишна музичка и актерска кариера, а за српските медиуми призна дека во 1968 година го изгубила гласот.
-Бев многу приврзана за мајка ми Катарина. Кога таа тешко се разболе имав 28 години, таа веќе беше на постела и ме замоли да купиме телевизор, за да може да ја гледа новогодишната програма во која јас учествував. Донесов телевизор и ја гледавме програмата заедно на 31 декември, а по четири дена таа почина. Од тага го изгубив гласот, не можев ниту да зборувам и на блсиките им пишував на лист хартија кога имав нешто да кажам. Тоа траеше еден период, а потоа сфатив дека животот продолжува. Од љубов кон мајка ми, на своето име го додадов и нејзиното, и така станав Оливера Катарина и ја продолжив кариерата, раскажуваше уметницата.
Во текот на животот доби голем број на награди и признанија.

