Вкупно 15 лица се повредени во вчерашното силно невреме што го зафати Скопје, а најголемиот дел од повредите се последица на паднати дрвја, гранки, лимови и керамиди откорнати од силниот ветер.
Според информациите од двете здравствени установи кои ги примија повредените, девет лица биле згрижени на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, а шест на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Најголемиот дел од пациентите се здобиле со полесни повреди, како посекотини, набиеници и скршеници, поради што по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување. Две лица се со потешки повреди – една пациентка со повреда на главата е хоспитализирана на Клиниката за неврохирургија, додека друго лице се здобило со скршеница на раката.
Во екот на невремето, во периодот од 17 до 21 часот, на единствениот број за итни случаи 112 биле примени повеќе од 8.300 повици од граѓани. Најголемиот број пријави се однесувале на паднати дрвја и гранки, оштетени покриви и возила, поплавени улици и подруми, како и други последици од невремето.
Екипите на противпожарната служба, полицијата, јавните претпријатија и другите надлежни институции интервенирале на повеќе локации низ градот за расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.

