Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски испрати остра порака до несовесните возачи на мотори кои изведуваат опасни маневри по улиците, најавувајќи засилени контроли и ригорозни санкции.
Тошковски, реагирајќи на зачестените случаи на возење на едно тркало и дивеење низ градските сообраќајници, потенцираше дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста на граѓаните и нема да биде толерирано.
„Ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат моторџии. Вистински моторџии, тие во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Тие се посветени за почитување на сообраќајни правила особено во град, бидејќи ги знаат последиците кога не ги почитуваат, тие се на две тркала“, изјави министерот, нагласувајќи дека институциите ќе постапуваат решително против сите прекршители.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе презема конкретни мерки на терен, со зголемено присуство на полициски патроли и контроли во критичните делови од градовите каде најчесто се регистрира ваков тип на прекршоци.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да се однесуваат одговорно, со цел да се намали бројот на сообраќајни незгоди и да се зголеми општата безбедност.
Изјавата на Тошковски предизвика бројни реакции во јавноста, особено на социјалните мрежи, каде голем број на граѓани ја поддржаа најавената строга политика за оние кои дивеат по улиците.
Деск

