Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Македонија почнала да наликува на „Лас Вегас“ поради масовното ширење на објектите за игри на среќа, најавувајќи дека новиот закон ќе воведе ред и дисциплина во оваа област.
Во изјава за медиумите, Мицкоски потенцира дека Владата подготвува сеопфатно законско решение со кое ќе се направи ревизија на досегашните лиценци, но и ќе се постават построги критериуми за отворање и функционирање на казина и обложувалници. Според него, целта е да се стави крај на, како што рече, неконтролираното ширење на оваа индустрија.
„Државата во одреден момент почна да наликува на Лас Вегас. Тоа не смее да продолжи. Со новиот закон ќе воспоставиме ред и дисциплина. Буквално на секој чекор гледавме дуќани во кои со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на среќа, пред се, мислам на казината и коцкањето и некако како правило до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити, па веднаш до нив имате заложувалница. Тоа е некако еден систем, којшто мораме да го регулираме и претставува систем којшто е за жал причина за многу семејни и човечки несреќи. Со овој закон се регулира оваа дејност. “, истакна премиерот.
Тој најави дека ќе се преиспитаат и договорите склучени во минатото, а доколку се утврдат неправилности, не ја исклучи можноста за покренување одговорност. Воедно, се очекуваат измени и во делот на оданочувањето, како и во одредувањето на локациите каде што може да се отвораат вакви објекти.
Прашањето за игрите на среќа веќе подолго време е во фокусот на јавноста, особено поради присуството на обложувалници во близина на училишта и во густо населени урбани средини. Од Владата велат дека новите законски измени ќе значат намалување на бројот на вакви објекти и воспоставување построга контрола врз нивното работење.
Деск
МИЦКОСКИ: КАЗИНАТА И КОЦКАЊЕТО СЕ ПРИЧИНА ЗА МНОГУ СЕМЕЈНИ И ЧОВЕЧКИ НЕСРЕЌИ, ДРЖАВАТА НЕ СМЕЕ ДА НАЛИКУВА НА ЛАС ВЕГАС!
2 Mins Read
Previous ArticleПРОНАЈДЕНО ТЕЛО НА 18-ГОДИШНО МОМЧЕ ВО ШУМА ВО САРАЈ, 19-ГОДИШНИК ПРИЗНАЛ ДЕКА ГО УБИЛ
Next Article ТЕШКО ПОВРЕДЕНА ЖЕНА ВО СООБРАЌАЈКА ВО КАВАДАРЦИ

