Во Скопје на 20 јуни ќе се одржи Парадата на гордоста – Скопје Прајд 2026, годинава под слоганот „Сите нека знаат“, најавија организаторите од ЛГБТИ заедницата.
Настанот, кој веќе неколку години е дел од јавниот простор и борбата за човекови права во земјава, ќе опфати марш низ градските улици, на кој се очекува учество на активисти, граѓани и поддржувачи. Целта е да се испратат пораки за еднаквост, слобода и видливост на ЛГБТИ+ лицата.
Организаторите посочуваат дека и покрај одредени законски поместувања во насока на заштита од дискриминација, припадниците на ЛГБТИ заедницата и понатаму се соочуваат со предрасуди, говор на омраза и општествен притисок. Оттаму, Парадата има за цел да ја подигне јавната свест и да поттикне поголема инклузија.
Скопје Прајд за првпат се одржа во 2019 година и со текот на времето прерасна во значаен настан кој ги отвора прашањата за човековите права и еднаквоста во општеството. Секоја година носи нова порака, а годинашниот слоган, според организаторите, е повик за поголема видливост и прифаќање.
Очекувањата се дека и оваа година Парадата ќе помине во мирна атмосфера, со силна порака за почитување на различностите и градење на поинклузивно општество.
Деск

