По повод Меѓународниот ден на музеите, Министерство за култура на Северна Македонија информира дека Природонаучен музеј на Македонија реализирал иновативна „Поп ап (Pop Up) музеј“ поставка во Скопје Сити Мол, со цел доближување на културното и природното наследство до граѓаните.
Како што се наведува во соопштението, станува збор за мобилна музејска поставка која може да се постави на различни, неочекувани локации, испраќајќи порака дека и јавниот простор може да функционира како музеј. На овој начин, институциите ја напуштаат традиционалната рамка и директно се доближуваат до публиката.
Поставката е составена од внимателно селектирани експонати од музејските депоа, изложени во осум коцки и една диорама. Секој сегмент претставува посебна приказна за ретки, ендемични и за пошироката јавност речиси непознати видови од природата на Македонија.
Од Министерството потенцираат дека ваквите поставки имаат едукативна улога, но и придонесуваат за подигнување на свеста за зачувување на природното богатство.
Изложбата ќе биде достапна за посетителите до 26 мај, на првиот кат кај главниот влез во трговскиот центар, овозможувајќи им на граѓаните уникатно културно доживување во секојдневниот урбан амбиент.
Деск

