Европската комисија одобри нова транша во износ од 65,7 милиони евра за Македонија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, оваа финансиска поддршка претставува уште една потврда за напредокот на земјата во спроведувањето на реформската агенда и усогласувањето со европските стандарди.
Средствата се резултат на успешно реализирани реформи во клучни области како дигитализацијата, образованието и институционалниот развој. Дел од средствата ќе бидат насочени директно во државниот буџет, додека останатиот дел ќе се користи за инвестициски проекти од стратешко значење.
Според надлежните, Македонија со оваа исплата се позиционира како една од најуспешните земји во регионот во однос на исполнување на реформските критериуми, што овозможува континуирана поддршка од Европската унија.
Финансиската помош е дел од поширокиот План за раст на ЕУ, чија цел е забрзување на економскиот и институционалниот развој на земјите од Западен Балкан и нивно приближување кон членството во Унијата.
Деск

