Со заедничко пеење на најголемите македонски фолк хитови, на 26 мај во 20:30 часот на плоштадот во Валандово свечено ќе започне Фолк Фест Валандово 2026.
Претфестивалската вечер ќе биде посветена на антологиските песни што со децении се дел од македонската музичка традиција и кои се пеат на семејни прослави, свадби и јавни настани низ целата држава.Организаторите најавуваат ревијална музичка програма под отворено небо, во која публиката ќе има можност во еден глас да ги отпее најпознатите валандовски и македонски фолк рефрени.

Музичка програма во заедничка сценска приказна
На сцената ќе настапат познати имиња од македонската фолк сцена: Блага Петреска, Елена Велевска, Кате Соната, Христијан Божинов Кико, Мишко Крстевски и Марјан Коцев.
Наместо класични одвоени настапи, вечерта ќе биде конципирана како заедничка музичка приказна со соло изведби, дуети и колективни интерпретации, со што ќе се создаде континуирана фестивалска атмосфера.
Репертоарот ќе опфати повеќе музички стилови и ритми, од традиционална македонска 7/8 и 9/8 музика, до емотивни балади и енергични фестивалски рефрени.
Песни што ја обединуваат публиката
Во програмата се најавени бројни познати композиции, меѓу кои „Лична Валандовчанка“, „Сношти Кате“, „Бабино девојче“, „Лихнида кајче веслаше“, „Бисер балкански“ и други песни кои се сметаат за дел од македонската музичка антологија.
Музичката придружба ќе ја обезбеди оркестарот од емисијата „Мерак меана“, кој ќе настапува во живо во текот на целата вечер.
Финале со специјален концерт
Претфестивалската вечер ќе заврши со мини концерт на Влатко Миладиноски, кој ќе претставува завршен музички момент и најава за големата фестивалска вечер што ќе се одржи на 27 мај.
Снимка од настанот ќе биде емитувана на Македонската телевизија во наредниот период.
Настанот е бесплатен за посетителите и е отворен за сите генерации љубители на македонската песна.
В.К.

