Светската поп-ѕвезда Рики Мартин се огласи по концертот во Подгорица, кој беше одбележан со инцидент и краток прекин, но и со силна енергија од публиката.
Настапот, организиран по повод одбележувањето на 20 години независност на Црна Гора, привлече илјадници посетители на плоштадот, каде владееше еуфорична атмосфера. Сепак, во еден момент концертот беше прекинат откако во близина на сцената беше фрлен солзавец, што предизвика паника кај дел од присутните.
Поради безбедносни причини, пејачот и неговиот тим накратко ја напуштија сцената, додека обезбедувањето и надлежните служби интервенираа за да ја стават ситуацијата под контрола. По стабилизирањето на состојбата, концертот продолжи, а Рики Мартин се врати пред публиката и го доврши настапот.
По концертот, тој се обрати на социјалните мрежи, истакнувајќи дека сѐ уште е под силен впечаток од вечерта и од публиката во Подгорица. Им се заблагодари на фановите за поддршката и емоциите, потенцирајќи дека настапот ќе го памети долго време и покрај непријатниот инцидент.
Надлежните институции во Црна Гора најавија истрага за случајот, со цел да се утврдат околностите и одговорноста за инцидентот што го засени дел од концертот.
Б.Н.

