Загрижувачки тренд бележат надлежните институции, откако во последниот период сè почесто се откриваат повозрасни лица кои со години, па дури и целиот свој живот, управувале моторни возила без никогаш да положат возачки испит.
Последниот ваков случај е регистриран во Велес, каде што 59-годишен жител бил лишен од слобода откако бил затекнат како управува возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,45 промили алкохол во крвта.
Според информациите од СВР Велес, на 26 мај 2026 година околу 21:45 часот, на улицата „Ангел Мишев“, полициски службеници извршиле сообраќајна контрола при што сопреле патничко возило „Форд“ со велешки регистарски ознаки. При проверката било утврдено дека возачот Г.А. (59) управувал со возилото пред да се стекне со право на управување, односно без возачка дозвола.
Дополнително, алкотестирањето покажало дека возачот бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,45 промили алкохол во крвта.
Лицето било лишено од слобода и задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во земјава се почесто се евидентираат случаи кога се приведуваат лица на возраст од 40, 50, па и над 60 години, кои никогаш не стекнале право на управување, а сепак редовно учествувале во сообраќајот – практично возеле со децении без возачка дозвола.
Овој феномен, како што посочуваат надлежните, претставува сериозен безбедносен ризик, особено кога на тоа ќе се додаде и управување под дејство на алкохол. Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат законите и да не седнуваат зад волан без соодветна дозвола, нагласувајќи дека санкциите се неизбежни и дека ваквото однесување може да има сериозни последици.
Деск
ЦЕЛ ЖИВОТ НЕ ПОЛОЖИЛ, А ВОЗЕЛ ДУРИ И ПИЈАН: НОВ СЛУЧАЈ ШТО ГО ОТСЛИКУВА РАСТЕЧКИОТ ПРОБЛЕМ
2 Mins Read

