Поранешниот градоначалник на Скопје и бизнисмен Трифун Костовски (80) најави формирање нов политички субјект во државата, со кој, како што посочува, се отвора простор за надпартиско делување и обединување на граѓаните околу заеднички цели.
Костовски во својата објава нагласува дека иницијативата произлегува од потребата за промени во општеството и создавање политички модел кој ќе биде ослободен од, како што вели, партиски и лични интереси. Според него, новиот политички субјект треба да претставува платформа за сите граѓани кои сакаат да придонесат кон подобро функционирање на државата.
Тој упатува повик до сите полнолетни граѓани, без разлика на национална или верска припадност, да се приклучат кон иницијативата, нагласувајќи дека идејата е градење заедништво и општествени реформи.
„Време е за освестување на државно ниво и создавање систем кој ќе работи во интерес на граѓаните. Македонија е на крстопат. Сите ние, нејзините граѓани, треба да ја спасиме од иселување, корупција и безпаќе. Секоја крстосница води кон повеќе правци и крајно време е да го избереме најдобриот. Кога политиката води кон исчезнување на државата, ние граѓаните мора да ја вратиме. Македонија ќе опстане само ако ја ставиме над партиите, правдата над интересот и иднината над стравот. Со заеднички сили да ги надминеме сите ќорсокаци. Народот пред партиите, а државата пред интересите., порачува Костовски, додавајќи дека новата структура нема да биде класична партија во традиционална смисла, туку поширока граѓанска платформа.
Костовски е познат како поранешен градоначалник на Скопје (2005–2009), пратеник и долгогодишен бизнисмен, а и во минатото има иницирано слични идеи за надпартиско политичко делување.
Деск
ВРЕМЕ Е ДА ЈА ВРАТИМЕ ДРЖАВАТА, ВЕЛИ ТРИФУН КОСТОВСКИ КОЈ НАЈАВИ ФОРМИРАЊЕ НА НОВА ПАРТИЈА
2 Mins Read

