Во Гевгелија вчера официјално беше пуштен во употреба МЕГА Шопинг Парк, проект кој се издвојува како најголема инвестиција во општината во последните години, во вредност од над 30 милиони евра. Генерален директор на МЕГА Шопинг Парк е Сотирис Јанакудакис, кој со свечено обраќање пред присутните го прогласи комплексот за отворен.
Станува збор за современ трговски комплекс кој се простира на повеќе од 20.000 квадратни метри и обединува над 50 домашни и светски брендови, со што значително се збогатува трговската и економската понуда во регионот.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека оваа инвестиција претставува силен поттик за економски развој, нови работни места и зголемен интерес на странски и домашни инвеститори за општината.
Градоначалникот на Гевгелија нагласи дека ваквиот капитален проект ја позиционира општината како атрактивна дестинација за крупни бизнис вложувања, додека инвеститорите посочуваат дека проектот е резултат на долгорочна визија за развој на модерни трговски содржини.
МЕГА Шопинг Паркот е замислен како регионален центар кој треба да привлече посетители не само од Гевгелија, туку и од целиот југоисточен регион, па и од соседните држави, со што се очекува дополнителен импулс за локалната економија, туризмот и услужните дејности.
Свеченото отворање беше проследено со голем интерес од јавноста, а комплексот ќе продолжи да нуди забавни и промотивни активности во наредниот период.
Деск

