Деветнаесетгодишен мотоциклист им подлегна на тешките повреди здобиени во сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската „Пластичарска“.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во 22:21 часот на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“. Во судирот учествувале патничко возило „Ауди А4“, управувано од 31-годишниот Н.Х. од скопското село Визбегово, како и два мотоцикли – „БМВ“, управуван од 19-годишниот М.Ф. од Скопје и „Хонда ХДВ“, управуван од 21-годишниот Н.Б., исто така од Скопје.
Во несреќата најтешко бил повреден 19-годишниот мотоциклист М.Ф., кој со тешки телесни повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај напорите на лекарите, тој подоцна починал.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот е лишен од слобода, а надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Деск

