Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот Предлог-закон за пушење е донесен по широка консултација со сите засегнати страни и ќе се применува подеднакво на целата територија на државата.
Тој нагласи дека во процесот на подготовка биле вклучени различни чинители, меѓу кои угостители, бизнис-заедницата и други засегнати субјекти, со цел да се изнајде прифатливо решение.
„Нема да има повластени, законот ќе важи за сите и ќе се спроведува доследно. Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата, ова го повторувам, нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што ќе нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон.
Неколку законски решение оваа Влада во изминатиот период одлучи да изработи, коишто многумина ни велеа може ќе штети на политичката репутација, но ние одлучивме да влеземе во тие процеси затоа што цениме дека на тој начин ќе заштитиме повеќе човечки животи.
Така беше и случајот и кога почнувавме со процесот „безбеден град“; многумина ни велеа „оставете ја оваа работа“, „немате потреба од ова“, „зашто ви се сите овие работи“, но еве во првите четири месеци од годината онаму каде што постои „Безбеден град“ системот ние имаме преполовен број на човечки жртви споредено со истиот период од минатата година.
Очекуваме дека и со доследна примена на овој закон, исто така ќе имаме позитивни резултати кога станува збор за здравјето на луѓето“, потенцираше Мицкоски.
Премиерот додаде дека не постои идеално законско решение, но дека предложениот текст е резултат на компромис и обид да се балансираат различните интереси, особено во делот на јавното здравје и економските активности.
Според најавите, законот наскоро ќе се најде во владина и собраниска процедура, а институциите ќе имаат обврска строго да ја контролираат неговата примена.
Темата за регулирање на пушењето во изминатиот период предизвика бројни реакции во јавноста, особено кај угостителите, но од Владата уверуваат дека новото решение ќе донесе јасни правила кои ќе важат еднакво за сите.
Деск

