Документарниот филм „Слушни ме!“ на режисерот Радован Петровиќ, посветен на музичарот Марко Маринковиќ – Слаткаристика, е меѓу проектите што добија поддршка од Агенцијата за филм на најновиот конкурс за финансирање.
Филмот ќе ја раскаже личната и уметничката приказна на Слаткаристика, со посебен фокус на предизвиците со кои се соочуваат лицата со говорни и комуникациски потешкотии, но и на силата на музиката како средство за изразување и надминување на бариерите.
Во своја објава, Слаткаристика отворено говори за сопственото искуство:
„Мојата потешкотија со говорот, дефинициски, е губење на ритамот во изразувањето. Како дете, долго време живеев со чувството дека моите зборови не вредат доволно. Токму затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака.
Малку подоцна, спасот го пронајдов во ритамот – и почнав да создавам музика. Денес, музиката не е само моја професија, туку и моја животна мисија.
Во текот на целиот мој живот се соочував со предрасуди, потценувања и пречки, најчесто од површниот и неинформиран дел од општеството. Но, ова е само уште една пречка на мојот пат – и верувам дека токму таа ќе стане една од најсилните и најинспиративните сцени во приказната што ја раскажувам.
Јас ја надминав својата тешкотија тогаш кога почнав да комуницирам преку музика. А денес сум среќен што утре некое мало „Марко“ ќе знае дека неговиот глас може да биде чуен и моќен. И дека некои други „Лиле и Боро“ ќе знаат дека нивното дете може да биде сакано, прифатено и почитувано – токму такво какво што е.“
Авторите најавуваат дека „Слушни ме!“ нема да биде само биографски портрет, туку и општествено релевантен филм што отвора прашања за прифаќањето, емпатијата и улогата на уметноста во надминување на личните и социјалните бариери.
Со овој проект, домашната документаристика продолжува да отвора важни теми и да носи силни лични приказни кои имаат потенцијал да допрат до широка публика, како во земјава, така и надвор од неа.
В.К.
„СЛУШНИ МЕ!“ – ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ЗА СЛАТКАРИСТИКА И БОРБАТА СО ГОВОРНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ДОБИ ДРЖАВНА ПОДДРШКА
2 Mins Read

