Полицијата експресно реагираше по објавите на социјалните мрежи и пријава за семејно насилство, при што е приведен 48-годишен маж од Велес, осомничен за физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, на 29 мај 2026 година околу 11:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар, маж физички ја нападнал својата сопруга. Веднаш по пријавата, полициските службеници презеле мерки за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвата.
По преземените активности било утврдено дека станува збор за лица од Велес, по што во акцијата се вклучиле и полициски службеници од СВР Велес.
Како што информираат од МВР, откако сопружниците се вратиле во нивниот дом во Велес, осомничениот Џ.Б. (48) повторно извршил физички напад, овојпат и врз сопругата и врз нивната малолетна ќерка, при што им се заканувал со остар предмет.
Благодарение на координираната и брза реакција на полицијата, сторителот бил лишен од слобода околу 21:00 часот. При интервенцијата, остриот предмет бил пронајден и одземен, а осомничениот бил задржан во полициска станица.
За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес, а по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од полицијата упатуваат апел до граѓаните веднаш да пријават случаи на семејно насилство, нагласувајќи дека навремената реакција е клучна за заштита на жртвите.
Деск
ГРАЃАНИТЕ ВЕДНАШ ДА ПРИЈАВУВААТ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, АПЕЛИРААТ ОД МВР, ПО НАСТАНОТ СО НАСИЛНИКОТ ВО ЦЕНТАР
2 Mins Read

