Историско злато за Андреас Трајковски во Монако!
Македонскиот репрезентативец Андреас Трајковски го освои златниот медал во скок во далечина на Европското првенство во атлетика за мали земји (European Challenger Championships), кое денес се одржа во Монако.
Со скок од 7.62 метри, Андреас се искачи на највисокото место на победничкиот подиум и испиша нова страница во историјата на македонската атлетика.
„Среќен сум што за првпат во историјата донесов златен медал за Македонија во скок во далечина на ова првенство. Се чувствував одлично за време на загревањето и верувам дека ако не се појавеше грчот, односно истегнувањето по скокот од 7.62 метри, ќе скокнев значително подалеку. По тој скок добив мала повреда на замавната нога, па заедно со тренерот одлучивме да го прекинеме настапот за да не ризикуваме посериозна повреда. Сега фокусот е целосно насочен кон тоа да бидам 100% здрав и подготвен за што подобар настап на Балканското првенство на 20 јуни“, изјави Андреас по церемонијата на доделување на медалите.
Успешниот настап на македонската репрезентација во Монако беше надополнет и со три бронзени медали: Брајан Авиа – скок во височина (2.00 м), Огнен Стефановски – 110 м со пречки (14.68 сек.) и Јован Стојовски – 400 м со пречки (53.80 сек.).
Деск

