Владата најави нов пакет мерки во вредност од над 40 милиони евра, насочен кон зголемување на вработеноста, поддршка на претприемништвото и унапредување на вештините на работната сила.
Според соопштението од Министерството за економија и труд, предводено од министерот Бесар Дурмиши, средствата се дел од Оперативниот план за активни мерки на пазарот на трудот за 2025 година и треба да опфатат околу 16.500 невработени лица.
Една од клучните компоненти на програмата е поддршката за самовработување, со која граѓаните ќе можат да добијат финансиска помош за започнување сопствен бизнис. Предвидени се:
до 10.000 евра за млади лица до 29 години
до 7.000 евра за лица над 29 години
до 20.000 евра за заеднички бизниси на повеќе лица
Дополнително, мерките вклучуваат обуки, менторска поддршка и помош при изработка на бизнис-планови.
Покрај финансиската поддршка за отворање бизниси, програмата предвидува и обуки и преквалификации со цел подобро усогласување на вештините на невработените со потребите на пазарот на трудот.
Целта, како што наведуваат од Владата, е да се поттикне поголема вработеност, особено кај младите, и да се создадат одржливи работни места во приватниот сектор, а оперативните планови за вработување се дел од редовните владини политики со кои се настојува да се намали невработеноста и да се стимулира претприемачката активност во земјата.
Деск

