Поранешниот директор на Царинската управа, поранешен потпретседател на СДСМ и ексградоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, вчера беше приведен во рамки на акција на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Според најавите, тој утре ќе биде изнесен пред судија на претходна постапка.
Неофицијално, Богоев се сомничи за незаконско влијание при избор на фирма за чистење за време на неговиот мандат на чело на Царинската управа. Во акцијата се опфатени и други лица, а истрагата се однесува и на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
Од Финансиската полиција соопштија дека по наредби издадени од судија на претходна постапка, а во координација со надлежен јавен обвинител, биле спроведени претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации.
Според институцијата, постојат основи на сомнение дека службени и други лица го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери. Во рамки на акцијата биле лишени од слобода повеќе лица.
Од обвинителството и Финансиската полиција засега не соопштуваат дополнителни детали за предметот, а повеќе информации се очекуваат по изведувањето на осомничените пред судија на претходна постапка.
Деск
СТЕФАН БОГОЕВ И ПОВЕЌЕ ЛИЦА ПРИВЕДЕНИ ПОД СОМНЕЖ ДЕКА СЕ СТЕКНАЛЕ СО ПРОТИВПРАВНА ИМОТНА КОРИСТ ОД ГОЛЕМИ РАЗМЕРИ
1 Min Read

