Веќе деветти ден се трага по 70-годишната Лидија Велковска Бојчевска, која е лице со деменција, а се изгубила среде бел ден на 26 мај, во дворот на училиштето Петар Поп Арсов во Скопје.
Нејзината ќерка Златица за ВИКИМЕДИА вели дека потрагата продолжува, и во изминатите денови во неколку наврати се случило луѓе да им јават дека некаде ја забележале, но ниту една од тие дојави не вродила со плод.
-Ние, блиските ја бараме, и имаше дојави дека наводно била видена некаде. Веднаш штом некој ни јавеше такво нешто, одевме на местото, ја пребарувавме околината, а повикувавме и полиција, да помогне во барањето. Но, за жал, ниту еден од тие повици, дека некаде била видена, не се покажа како веродостоен, и мајка ми се уште не е пронајдена, вели ќерката.
Додава дека фотографијата која е објавена на социјалните мрежи и во медиумите дава најпрецизен опис на нејзината мајка, околу тоа како изгледала последниот период. Била облечена во истите розови тренерки, и носела блуза со црно-бели пруги.
На прашањето дали се трага по жената и со дронови, вели дека им било кажано како немало можност истите да бидат вклучени во потрагата.
Останува апелот, доколку некој ја забележи Лидија, да ја задржи и да повика полиција.
В.К.

