Вкупно 50 наставници од основните училишта во Македонија добија сертификати за успешно учество на работилница за креирање забавни ученички активности што поттикнуваат поддршка, заедништво и почитување на различностите меѓу учениците.
Сертификатите им ги доделија министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на свечен настан организиран по завршувањето на обуката реализирана во соработка меѓу Министерството за образование и наука и ОБСЕ.
Работилницата им овозможи на наставниците да стекнат нови практични знаења и алатки за создавање поинклузивни, побезбедни и поподдржувачки училишни средини, каде што се негуваат меѓусебното почитување, толеранцијата и соработката меѓу учениците.
Од Министерството посочуваат дека активноста е дел од пошироките напори за зајакнување на интеркултурното образование и училишната кохезија. Преку вакви обуки наставниот кадар се оспособува да развива активности кои придонесуваат за поголема вклученост на учениците и за градење позитивна училишна клима.
Доделувањето на сертификатите претставува признание за ангажманот на 50-те наставници кои успешно ја завршија програмата и се подготвени стекнатите знаења да ги применат во својата работа, со цел создавање средина во која секој ученик ќе се чувствува прифатен, безбеден и поддржан.
Деск
Previous ArticleAQUA PARK ПРОБИШТИП ЈА ОТВОРИ ЈУБИЛЕЈНАТА 15-ТА СЕЗОНА

