-Мојот татко како младо момче бил чирак и работел на изградбата на Американската амбасада во Србија во педесеттите години на минатиот век. Во тоа време, неговото семејство живеело во село под Авала, и биле многу сиромашни. Работниците секој ден го праќале да им купува појадок, но бидејќи немал пари за да си купи и за себе, се тргал на страна, додека тие не завршат со појадокот, за да не видат колку му се ,,гладни очите”. Подоцна, тие сфатиле зошто се крие од нив додека јадат, и го прифатиле, но таа приказна засекогаш остана врежана во моите мисли и ме прогонува– така раскажува Драган Ѓуриќ, сопственик на ресторанот ,,Тајни зачин” во срцето на Белград, кој уште од 2017 година е симбол за човечност во регионот.
На влезот од ресторанот е истакнат натпис: Ако немате пари, а сте гладни, овде секогаш можете да добиете топол оброк. Ќе платите кога ќе имате пари, а и да немате… Никој не заслужува да биде гладен.
Настанот со неговиот татко бил пресуден да започне со оваа своја мисија, да нуди топол оброк, а за натписот пред ресторанот го поставил во 2017 година, откако забележал човек кој стоел, гледал во храната и си ги проверувал џебовите. На прашањето што сака да порача, тој му одговорил на Драган дека нема доволно пари.
-Нема проблем, му реков, и го послужив, сеќавајќи се на приказната со татко ми. По некој ден, една од сосетките го забележала натписот, го фотографирала и го објавила на социјалните мрежи, и така се прошири приказната за бесплатниот оброк кој го нудиме во ресторанот. Тоа немаше да биде до толку приметено, доколку не потфрливме како народ. Го снема моралот, етиката… Кога ќе наидеме на некој кој е нормален и љубезен, ние сме изненадени, раскажа Ѓуриќ за Ноизз.Рс.
Во ресторанот му помагале сопругата Душанка и синот Владимир, и Драган вели дека се водат според законот на кармата – Прави добро, и надевај се на добро.
Деск

