На Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид денес беше одбележано пристигнувањето на првиот лет на авиокомпанијата Wizz Air од Вроцлав, што претставува значаен чекор во проширувањето на воздушната поврзаност на регионот со Полска.
Новата линија беше свечено пречекана на Ohrid St. Paul the Apostle Airport, каде што патниците беа поздравени со традиционален македонски амбиент. Гостите од Полска имаа можност уште при пристигнувањето да ја почувствуваат локалната култура преку пречек со домаќини облечени во народни носии, како и дегустација на традиционалниот специјалитет ѓомлезе.
Од аеродромот информираат дека пречекот бил организиран со цел на патниците да им се доближи автентичниот дух на Охрид и да се промовираат локалните вредности и традиции.
Во рамки на активностите за добредојде, на патниците им биле подарени и спомен-разгледници со покана да учествуваат во предизвикот „Охрид низ твојот објектив“, кој ги охрабрува посетителите да ги споделат своите најубави фотографии од градот и езерото, користејќи го хаштагот #OhridThroughYourLens.
Со оваа нова линија се очекува дополнително зголемување на бројот на туристи од Полска, како и зајакнување на туристичката размена и промоција на Охрид како атрактивна дестинација, позната по своето езеро, културно наследство и гостопримство.
Патниците беа поздравени со порака за добредојде и покана да уживаат во престојот, капењето во кристално чистото Охридско Езеро и прошетките низ градот кој важи за еден од најпосетуваните туристички центри во земјата.
Деск

