Уште кога бил мало момче, кавадаречките чаршијари го качувале на маса и му давале бонбони, само да им запее, восхитувајќи се на неговиот глас. На десет години веќе започнал да свири на виолина, потоа започнал да пее во градскиот хор, да членува во играорна група, да оди на серенади… Со кадифениот глас им даде живот на македонските народни песни, и изгради блескава кариера.
Годинава, во септември, се навршуваат 50 години од смртта на Никола Бадев (1918-1976), човекот кој ги испеал нашите најлирски песни, издал стотина плочи и неколкупати ја обиколил земјата и светот. За своите 58 години живот станал вистински народен уметник и афирматор на македонската народна песна и останува запамтен како еден од најголемите и највлијателни интерпретатори на македонската народна музика.
–Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа, знаел често да каже.
И денес, во дискусии за најголемите македонски народни пејачи, името на Никола Бадев редовно се споменува заедно со Александар Сариевски, Јонче Христовски и Васка Илиева како еден од столбовите на македонската народна музика.
Васка Илиева пак, во 1980 година ја снимила песната во негова чест, насловена ,,Песна за Никола Бадев”.
Деск

