Министерството за здравство ја промовираше дигиталната платформа „Мое здравје“, преку која граѓаните можат едноставно и безбедно да пристапат до своето електронско здравствено досие.
Станува збор за мобилна апликација и веб-портал кои овозможуваат увид во здравствените податоци евидентирани во националниот систем „Мој Термин“. Корисниците преку платформата можат да ги прегледуваат посетите кај матичниот лекар, лабораториските наоди, издадените рецепти и нивниот статус, како и специјалистичките, дијагностичките и болничките упати.
Дополнително, достапни се информации за примени вакцини, активни записи и архивирани здравствени услуги, при што податоците се синхронизираат директно од системот „Мој Термин“.
Од Министерството посочуваат дека „Мој Термин“ повеќе од една деценија претставува важен сегмент од дигитализацијата на здравствениот систем, овозможувајќи подобра организација на услугите, побрза размена на информации и поедноставен пристап до здравствена грижа.
Пристапот до „Мое здравје“ е овозможен преку најава со електронска идентификација (eID), без потреба од отворање нов кориснички профил. Платформата е достапна како мобилна апликација и преку веб-верзија.
Министерството за здравство наведува дека со воведувањето на оваа услуга продолжува процесот на унапредување на дигиталните решенија во здравството, со цел поголема достапност, транспарентност и поквалитетна грижа за граѓаните.
Деск

