Блокада на трите гранични премини со Бугарија е најавена во недела, и тоа од 11.00 до 13.00 часот, а е во организација на Фондација Македонија. Според објавата на Фејсбук страницата на фондацијата, причината за блокадите на границата била да му се покаже на премиерот Христијан Мицкоски дека не можел да продолжи со прогонство на Бугарите од Македонија, и се повикуваат Бугарите да дојдат и да покажат сила.
-Дојдете оваа недела од 11 часот на еден од трите гранични премини со Бугарија за заедно да ја блокираме границата во времетраење од два часа. Протестот е усогласен со Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија!
Целта е симболично да му покажеме на Мицкоски дека не може да продолжи со прогонството на Бугарите во земјата, со палењата, нападите и монтираните судски пресуди против Бугарите. Дојдете за да го поддржиме ослободувањето и правото на лекување на Ива Михајлова од Кочани. Да му дадеме поддршка на Бугаринот Драги Каров од Велес, Љупчо Георгиевски од Битола и на уште илјадници прогонувани, судени и малтретирани Бугари во Македонија од режимот во Скопје.
Нашата цел е да му покажеме на Мицкоски дека не може да продолжи со репресиите. Немаме намера да им попречуваме на граѓаните и на нивното слободно преминување на границата, затоа ја блокираме само два часа, а не трајно. Дојдете да покажеме обединетост и сила, Бугари, објавено е на страницата на Фондација Македонија.
Блокадата ќе се случува на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ново Село.
Инаку, основач на фондацијата е Бугаринот Виктор Стојанов. Истата е основана во април 2021 година, како што е објавено на официјалната страница, од Бугари во Бугарија, Македонија и Албанија, со цел населението во Бугарија и Македонија да биде едно општество во две држави.
На уредничкиот акт на фондацијата, кој е објавен на страницата www.foundationmacedonia.com, појаснето е дека е основана со сума од сто лева, донирани од страна на уредникот Виктор Стојанов.

