Од 13-те доајени на македонската народна музика, кои во земјава добија Медал за заслуги во 2022 година, Виолета Томовска (81) е единствената легенда на македонската народна песна, која и денес е активна на сцената и ја радува публиката со своите беспрекорни изведби.
Покрај неа, помеѓу истакнатите доајени на македонската народна музика, кои беа одликувани со Медал за заслуги заради придонесот што го оствариле во афирмација на македонскиот фолклор пред четири години, од страна на тогашниот претседател Стево Пендаровски, се најдоа и Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Анка Гиева, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски, и Јонче Христовски.
Од одликуваните, признанието дури единаесетмина го добија постхумно, односно медалите ги примија нивни семејства. Томовска и Анка Гиева (1938-2024) беа единствените живи легенди кои го добија и му се израдуваа на признанието со кое се потенцира важноста на наследството што им го оставиле на идните генерации. Во меѓувреме, по околу две години од добивањето на Медалот, почина и уметницата Гиева.
Иако постхумните награди и признанија имаат своја симболична тежина, се наметнува ставот дека вистинската вредност на една уметничка кариера треба да биде препознаена додека уметникот сè уште е жив.
Многумина сметаат дека животното признание претставува не само официјално вреднување на творештвото, туку и човечка и општествена благодарност која има длабоко емотивно значење. Да се види дека сопствениот труд, инспирација и долгогодишна посветеност се препознаени од заедницата, за уметникот претставува посебна потврда и мотивација.
Од друга страна, постхумните награди, иако честопати искрени и заслужени, доаѓаат доцна за да можат да имаат директно влијание врз животот на авторот. Тие остануваат како симбол за наследството, но не и како жива потврда за признание во моментот кога тоа можеби најмногу значи. Уметноста живее преку луѓето кои ја создаваат, и затоа и признанието за неа треба да биде живо – доделено во моментот кога може да донесе радост, потврда и чувство на исполнетост на оние што ја создаваат.

