-Да не беа Владимир и Милјана такви родители, какви што се, мојата Ана денес ќе полагаше приемен испит за средно училиште! Владимир чувал дома оружје насекаде низ станот, како што луѓето дома чуваат обични предмети. И самиот убиец кажа дека во секој момент можел да дојде до оружјето. Секако дека бил занемарен од своите родители, бидејќи во одреден момент добил упат за лекување, но родителите тоа го игнорирале и го отфрлиле, како да е нешто будалесто. И покрај сето тоа, татко му го водел да пука од пиштол на кој не смеел ниту да му пријде, а не пак да пука од него, и за кој како малолетник не ни можел да има дозвола. Таткото е тој кој имал дозвола. После се што видовме овие години, имам впечаток дека моето дете не го уби момчето – убиец, туку Владимир и Милјана Кецмановиќ, кажа за српските медиуми Нинела Радичевиќ, мајка на убиената Ана Божовиќ.
Таа потсети и на случај од испитувањето на Коста, кога бил прашан дали би ги убил учениците доколку оружјето не му било достапно, на што тој одговорил дека не би убивал.
14 и пол години затвор денес доби Владимир Кецмановиќ, а неговата сопруга Милјана е осудена на две години и 11 месеци затвор, за масакрот кој го изврши нивниот син Коста, во 2023 година, кога ладнокрвно во училиштето уби девет ученици – деца, и училишниот чувар.
На неговиот татко му се судеше за тешко дело против општата безбедност и за запуштање и занемарување на малолетниот син, а пак на мајка му Милјана, за запуштање и занемарување на синот.
Во време кога го изврши масакрот кој го запрепасти целиот регион, Коста немаше полни 14 години.

