Апелациониот суд во Штип донесе одлука со која ја укинува првостепената пресуда за доживотен затвор во еден од најтешките кривични случаи што ја потресоа јавноста, и предметот го враќа на повторно судење пред првостепениот суд. Станува збор за случајот со Стојанче Зарков – Грофот (55), кој со нож ја уби неговата мајка (84) лани во август.
Според судската одлука, причината за укинување на пресудата се процесни и суштествени повреди во постапката, поради кои не може да се смета дека првичната пресуда е правосилна и целосно валидна, односно првостепениот суд утврдил дека Зарков при убиството бил пресметлив, но Апелација овој клучен момент не го прифаќа бидејќи кај него во момент на убиството се утврдени 2,5 проимили алкохол во крвта.
Кога се случи убиството, штипјани кои биле пријатели на Грофот, за ВИКИМЕДИА ја раскажаа неговата животна приказна. Раскажуваа дека се работи за познат градски лик, кој долги години ја имал кафеаната ,,Гроф,, која работела со засилено темпо. За неговите пастрмајлии знаела цела Македонија, и од сите градови се порачувале големи количини, дури и за семејни прослави и собири.
-Прекарот Гроф го доби поради локалот, но и поради тоа што тој навистина имаше грофовско однесување. Кога ќе седнеше во кафеаната, сите беа добредојдени, за сите имаше храна и пијалок, не штедеше и каде и да се појавеше, имаше обичај да го почести цел локал. Се има случено и во дискотека да им плати пијалок на сите гости.
Но, откако започна да пие се повеќе алкохол, животот му тргна надоле. Со тек на време, му се натрупаа долгови, ја изгуби кафеаната, ја изгуби и куќата. Со своите сограѓани секогаш беше љубезен, но сите знаевме дека дома има проблеми и дека е насилен кога ќе се напие.
Се случи гоелма трагедија со неговата сопруга, таа заврши на психијатрија поради големи стресови, и на крај почина таму, ни раскажаа познаници на Зарков.
Прашуваа зошто не се презеле мерки на време и зошто не бил сместен во соодветна установа на лекување, кога целиот град знаел дека го малтретира семејството кога ќе се напие, а бил пријавуван и во полиција поради насилното однесување со домашните.
В.К.

