Кој сакаше да го киднапира внукот на Стојан Андов? ,,На 29 септември 1995 година се роди внук ми, кому му го дадоа моето име. Значи, во семејството ни дојде новиот малечок Стојан Андов. Пет-шест дена сѐ беше во ред. Си дојде мајка му со детето дома и бидејќи ѝ беше првороденче – постарите ја подучуваа за грижата. Покрај сите тие помагања, бебето нешто се разболе и мораа итно да го однесат во Детската болница во Козле. Тоа се случи околу 10 октомври. Вториот ден, кога детето веќе закрепнало, кога тргнав од канцеларијата, реков да појдам во болницата да го видам. Кога му реков така на возачот, шефот на моето лично обезбедување, Даме Димитровски, се обиде да ме наговори да не одам во болницата туку да си појдам право дома. Тој не успеа да ме наговори, ама остана малку нерасположен. Кога стигнав во болницата, појдов кон собата каде што беа сместени бебето и мајка му, гледам на вратата двајца полицајци во униформи и еден од помладите членови на моето обезбедување. Кај Валентина, мајката на бебето, во тој момент беше и директорката на болницата. Кога дојдов сите малку се збунија, а потоа Даме ме тргна малку настрана и ми објасни. Во болницата некој се јавил и се заканил дека 10-дневното бебе, внукот на Стојан Андов, ќе го киднапира. Директорката веднаш се јавила во полициска станица, а оттаму ги пратиле полицајците во болницата, а му јавиле и на Даме за целиот случај, па тој го испратил во болницата помладиот член од моето лично обезбедување. Навистина се изнервирав и бев налутен. Си велев, какви се овие луѓе што се служат со вакви методи?”
Ова е извадок од книгата ,,До атентатот и по него” на Стојан Андов (1935 – 2024), во која тој раскажува за еден од обидите да биде застрашен и вознемирен.
На денешен ден пред две години почина Стојан Андов, првиот претседател на повеќепартиското собрание на Македонија, политичар, економист, публицист и романописец.
Андов е роден во Кавадарци, и во тек на својот живот во три мандати беше претседател на Собранието. Во 1999 година беше кандидат на ЛДП за претседател на изборите, но не се квалификуваше за вториот изборен круг. Останува запаметен и како еден од ретките политичари во Македонија, кој даде оставка од функција, но и како политичар кој имаше важна улога во историјата на независноста на земјата. Почина во Скопје, на 89-годишна возраст.
В.К.

