Во пресрет на туристичката сезона, Општина Дојран интензивно работи на уредување и разубавување на крајбрежјето на Дојранското Езеро, со цел да обезбеди подобри услови за жителите и посетителите кои и ова лето ќе престојуваат во оваа туристичка дестинација.
Градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов, истакна дека локалната самоуправа е посветена на континуирано подобрување на јавните простори и туристичката инфраструктура, со што се создаваат услови за поквалитетен престој и подобро туристичко искуство.
„Дојран не е само туристичка дестинација. Тоа е место каде што традицијата, природната убавина и гостопримството се спојуваат во едно и создаваат спомени што траат цел живот. Нашата цел е преку уредени јавни површини, чисто крајбрежје и современи содржини да го направиме Дојран уште поатрактивен за посетителите“, изјави Тентов.
Тој нагласи дека годинава туристите ќе можат да уживаат во уреден амбиент кој ја задржува автентичноста на дојранскиот регион, а дополнителна сигурност за посетителите претставуваат и најновите анализи на квалитетот на водата.
Според последните испитувања, водата во Дојранското Езеро е соодветна за капење и рекреација, што е значаен предуслов за безбедна и успешна летна сезона.
Од Општина Дојран посочуваат дека со секоја нова инвестиција и со секој реализиран проект за уредување на крајбрежјето се придонесува кон создавање на помодерен, поубав и поконкурентен туристички центар.
„Со секој уреден метар крајбрежје градиме подобар Дојран – место каде што секое изгрејсонце над езерото носи нова причина за посета“, порача градоначалникот Тентов.

