Скопје вечерва ќе биде сцена на еден од највпечатливите музички настани на годината – грандиозна изведба на кантатата Кармина Бурана од Карл Орф, која ќе се одржи во 21:00 часот во Градски парк Скопје.
Настанот, организиран како завршница на концертната сезона „Без Филтер“, се најавува како вистински музички спектакл под отворено небо, со масивна сценска поставка и учество на голем број изведувачки состави од регионот.
На сцената ќе настапат оркестарот на Филхармонија на РСМ, заедно со музичари од Софиска филхармонија и Државен симфониски оркестар на Солун, како и хорови од Македонија и Грција, меѓу кои и хорот на Операта при НОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од музичкото училиште од Солун.
Проектот е под диригентска палка на маестро Најден Тодоров, кој е и иницијатор на оваа регионална соработка што претходно беше реализирана во Софија и Солун, а сега кулминира во Скопје.
Како солисти ќе настапат сопранистката Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос и баритонот Иво Јорданов.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со моќна музичка енергија, масовен ансамбл и впечатлива сценска атмосфера, со цел да се заокружи една од најамбициозните регионални соработки во полето на класичната музика.
ГРАДСКИ ПАРК СКОПЈЕ ЌЕ ОДЕКНУВА СО „КАРМИНА БУРАНА“ – НАЈГОЛЕМ МУЗИЧКИ НАСТАН НА СЕЗОНАТА
1 Min Read

