Мајка и нејзиното 18 дена старо бебе беа спасени по 32 часа поминати под урнатините на станбена зграда што се урна во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди Венецуела. Нивната приказна за преживување го обиколи светот, а снимката од драматичното спасување стана симбол на надеж среде една од најголемите трагедии во земјата.
Дајана Патињо, која беше заробена заедно со својот син Хуан Давид, во интервју за Би-би-си првпат ги опиша часовите поминати под урнатините. Таа вели дека токму нејзиното новороденче ѝ дало сила да не се откаже.
„Додека тој беше жив, и јас ќе бидам жива. Од време на време го допирав по носот за да проверам дали сè уште дише“, раскажува Дајана.
Во моментот кога земјотресот го погодил крајбрежниот регион Ла Гуаира, таа миела садови во својот стан на осмиот кат. Кога почувствувала силно тресење, веднаш се упатила кон своето бебе, мислејќи дека станува збор за помал потрес.
„Имав чувство како да летам. Потоа ми се чинеше дека тонеме во вода и кал, а на крајот паднав во празен простор меѓу урнатините. Не знам како не го испуштив бебето додека паѓав“, се присетува таа.
Откако сфатила дека никој не може да ги слушне нејзините повици за помош, решила да ја штеди силата.
„Си реков дека ќе викам само кога ќе слушнам гласови или чекори во близина“, вели таа.
Нејзината лева нога била приклештена под бетонска плоча, а главата притисната до карпа, поради што не можела да се помрдне. Во целосниот мрак, единствена утеха ѝ била Библијата што случајно ја напипала под себе.
„Таму започна мојата борба за преживување“, изјави Дајана за BBC.
По повеќе од еден ден заробени под урнатините, таа го слушнала гласот на својот брат.
„Си реков дека тоа е мојата единствена шанса. Од сета сила извикав: ‘Тука сум!’ А тој ми одговори: ‘Те најдов и ветувам дека нема да си одам додека не те извлечам’“, раскажува таа.
Набргу потоа, спасувачките екипи успеале да ги извлечат Дајана и малиот Хуан Давид живи. Снимката од нивното спасување, на која се гледа и емотивната средба на таткото со неговиот син, го обиколи светот и стана една од највпечатливите сцени по разорниот земјотрес.
Според последните информации, во катастрофата загинаа најмалку 1.450 лица, додека десетици илјади сè уште се водат како исчезнати. Спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по преживеани, иако надежта со секој изминат час станува сè помала.

