Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши својот историски настап на Вимблдон уште во првото коло од главната ждрепка, откако загуби од минатогодишната финалистка Аманда Анисимова со 6-3 и 6-2.
И покрај елиминацијата, Ѓорческа зад себе остави турнир за паметење. Со три последователни победи во квалификациите, таа за првпат во кариерата обезбеди место во главната ждрепка на најпрестижниот тениски турнир, со што го оствари најголемиот успех во својата професионална кариера.
Ждрепката, сепак, не беше наклонета кон македонската тенисерка. За противничка ја доби една од фаворитките на турнирот, Американката Аманда Анисимова, која уште од самиот почеток го наметна својот ритам и ја оправда фаворитската улога.
На теренот број 2, Ѓорческа се бореше и имаше добри моменти, но не успеа да пронајде решение за сигурната игра на својата ривалка. Сервисот не ѝ беше најсилното оружје, а Анисимова максимално ги искористи речиси сите шанси што ѝ се укажаа.
Во првиот сет Американката направи еден брејк, во четвртиот гем, што се покажа како доволно за водство од 1-0, откако во деветтиот гем ја реализираше првата сет-топка.
Вториот сет донесе уште поубедлива игра на Анисимова, која со два брејка и пет освоени гема во низа стигна до убедлива предност. Ѓорческа успеа да ја прекине серијата и да намали на 5-2, но Американката без проблеми го доби последниот сервис-гем и со 6-2 го завери пласманот во следното коло.
Иако настапот на Вимблдон заврши уште на стартот од главната ждрепка, Ѓорческа си заминува од Лондон со историски резултат и уште една потврда дека македонскиот тенис има претставничка која може рамноправно да се носи и на најголемата светска сцена.
ЃОРЧЕСКА ЈА ЗАВРШИ СВОЈАТА ВИМБЛДОНСКА ПРИКАЗНА: АМЕРИКАНКАТА АНИСИМОВА БЕШЕ ПРЕГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК
2 Mins Read
Previous ArticleТУРИСТКА КАСНАТА ОД ИНВАНЗИВНАТА РИБА – ЗАЈАК ВО ПЕФКОХОРИ

