Доаѓањето на ѕвездите од култната теленовела „Касандра“ во Македонија во 1998 година остана запаметено како еден од најмасовните забавни настани во поновата историја на земјата.
Серијата ја донесе продукцијата „Кан“, зад која стоеја естрадно-музичката двојка Цветанка Ласкова и нејзиниот сега покоен сопруг Миша Кан. Тие тогаш најавија нешто што за многумина звучеше неверојатно — дека Кораима Торес и Хенри Сото, познати како „Касандра“ и „Ранду“, ќе пристигнат во Македонија.

На 7 мај 1998 година, во 15:15 часот, нивниот авион слета на скопскиот аеродром, а веста за нивното пристигнување за неколку минути се прошири низ целата држава.
Пред аеродромот и низ улиците на Скопје настана вистинска еуфорија. Илјадници граѓани се обидуваа да им се приближат, да ги поздрават, да добијат потпис или барем да ги видат од непосредна близина. Сцените од тој ден беа без преседан за тогашниот медиумски и јавен простор.
Посетата продолжи и во другите градови. Во Скопје, Охрид и Битола беа организирани масовни јавни појавувања, кои привлекоа огромен број луѓе од сите генерации. Плоштадите и пристаништата се претворија во собирни места на фанови кои ја следеа секоја нивна појава.
Медиумите интензивно ја следеа секоја активност, а посетата на „Касандра“ и „Ранду“ со денови беше главна тема во телевизиските прилози, весниците и секојдневните разговори. Настанот остана симбол на едно време кога телевизиските ликови стануваа вистински културни икони, способни да предизвикаат масовна колективна еуфорија.

И денес, по три децении, феноменот Касандра уште ги следи главните актери на теленовелата. Венецуелската актерка Кораима Торес и нејзиниот колега, порториканскиот актер Освалдо Риос, деновиве престојуваа во Дубаи, каде што на свечена церемонија одржана во луксузниот хотел „Атлантис“ им беше врачено специјалното признание Top Humanity Leaders Award. Истото се доделува како потврда за нивниот придонес и влијание во светот на телевизиската уметност. Торес ја посвети наградата на својата татковина Венецуела и на сите луѓе на кои им се потребни поддршка и солидарност, по разорниот земјотрес кој ја погоди земјата.

