Пред повеќе од дваесет години, неговата прва „канцеларија“ бил подрумот на неговиот дедо во Штип. Со половен компјутер и бавен интернет, почнал да експериментира со eCommerce во време кога онлајн-бизнисот сè уште бил нов и непознат за многумина. Неговиот прв проект бил продажба на custom-made Pop Art платна за купувачи во Соединетите Американски Држави. Сам ја изградил веб-страницата, ги поврзал платежните системи, договорил печатење и испорака преку партнер во Северна Каролина и ја водел корисничката поддршка од Македонија.

Денес македонскиот претприемач Игор Илиевски е извршен директор на компанијата AMENEX, а неодамна ја објави својата нова бизнис-книга „The Big Pain: Trust Without Structure“ (Големата болка: доверба без структура), достапна на платформата Amazon во Kindle и хартиено издание.
Она што некогаш почнало како онлајн-експеримент, постепено прераснало во агенција која работи со клиенти во Америка. Со текот на годините, компанијата прераснала во глобална дигитална операција, со тимови и соработници во САД, Панама, Израел, Нигерија, Филипини, Мексико, Источна Европа и други региони.
Овој млад визионер пред неколку месеци доби престижна награда за животно дело на BURJ CEO Awards во Дубаи, а корените на неговата компанија која функционира меѓународно, остануваат во Штип.
Неговата приказна не е за инстант успех, туку за за години работа во тишина, експериментирање и градење од нула — потсетник дека големите нешта најчесто почнуваат таму каде што никој не гледа. Неговата компанија AMENEX пак, станува пример за тоа како една идеја, ако се гради постојано и дисциплинирано, може да добие глобални размери.

