Вознемирувачкото видео на кое се гледа физичко насилство врз малолетно девојче во скопската населба Аеродром предизвика бурни реакции во јавноста, по што Министерството за внатрешни работи информираше дека веќе постапува по случајот.
Од МВР потврдија дека е извршен службен разговор со жртвата, во присуство на нејзин родител, а за настанот е известен и надлежен јавен обвинител. Во тек се активности за целосно расчистување на случајот, идентификување на сите малолетни лица кои учествувале во инцидентот, како и утврдување на околностите под кои се случило насилството.
Видеото, кое се прошири на социјалните мрежи, прикажува како девојче е физички нападнато и понижувано од врснички, додека други присутни го снимаат настанот наместо да реагираат. Снимката предизвика силни осуди од јавноста и повторно ја отвори темата за врсничкото насилство и улогата на институциите во неговото спречување.
Надлежните институции најавуваат дека по завршувањето на постапката ќе бидат преземени сите законски мерки во согласност со утврдените факти и важечките прописи. Засега не се соопштуваат повеќе детали, имајќи предвид дека во случајот се инволвирани малолетни лица и постапката е во тек.
Фото: Илустрација

