Имаше само 27 години кога беше пронајден мртов во кадата на својот стан во Париз, со што стана дел од таканаречениот „Клуб 27“ – група славни музичари кои починале на иста возраст.
На денешен ден, пред 55 години светот го изгуби Џим Морисон, целосно Џејмс Даглас Морисон, еден од највлијателните рок-пејачи и текстописци на 20 век. И пос ите минати години, тој останува симбол на слободниот дух, бунтовноста и уметничката експресија. Како фронтмен на легендарната рок-група „Дорс“, тој остави музичко наследство што и денес инспирира милиони луѓе ширум светот.
Роден е на 8 декември 1943 година во Мелбурн, сојузната држава Флорида, во Соединетите Американски Држави. Уште како млад покажувал голем интерес за литературата, филозофијата и поезијата. За време на студиите по филмска уметност во Лос Анџелес го запознал Реј Манзарек, со кого во 1965 година ја основал групата „Дорс“. Набргу им се придружиле гитаристот Роби Кригер и тапанарот Џон Денсмор.
Во следните неколку години групата се издигна меѓу најпопуларните рок-состави во светот. Хитовите „Лајт мај фајр“, „Рајдерс он д сторм“, „Брејк он тру“ и „Пипл ар стрејнџ“ станаа безвременски музички класици. Морисон беше препознатлив по својот моќен глас, поетските текстови и енергичните, често непредвидливи сценски настапи.
Но, неговиот бурен живот беше обележан и со проблеми. Честата употреба на алкохол и судирите со законот влијаеја врз неговата кариера и здравје. Во 1971 година, заедно со својата животна партнерка Памела Корсон, се пресели во Париз, Франција, со желба да се оддалечи од јавноста и да се посвети на пишување поезија.
На 3 јули 1971 година Џим Морисон беше пронајден мртов во кадата на својот стан во Париз. Француските власти како официјална причина за смртта наведоа срцев удар. Бидејќи не беше извршена обдукција, околностите околу неговата смрт и денес се предмет на бројни шпекулации и теории.
Џим Морисон е погребан на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз. Неговиот гроб е едно од најпосетуваните места од љубителите на рок-музиката, а секоја година илјадници обожаватели му оддаваат почит.
И повеќе од пет децении по неговата смрт, Џим Морисон останува една од најголемите и најмистичните личности во историјата на рокенролот. Неговата музика, поезија и животна приказна продолжуваат да живеат, потсетувајќи дека вистинската уметност не познава време.
В.К.

