Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител изјави дека Владата во изминатите две години остварила значителни резултати во економијата, инфраструктурата, образованието и земјоделството.
Тој истакна дека просечната плата е зголемена за 8.000 денари, а пензиите за 7.000 денари, оценувајќи дека иако тоа не е доволно, претставува значителен напредок.
„Овие две години просечната плата е зголемена за 8.000 денари. Дали е тоа доволно? Не е. Но, имајќи предвид каде почнавме, мислам дека е повеќе од доволно. Ги зголемивме пензиите за 7.000 денари. Ако се земе предвид дека просечната пензија беше околу 14.000 до 15.000 денари, за две години да ја зголемите за 40 до 45 проценти е значаен параметар“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека економскиот раст, според него, е зголемен од 1,8 на 3,5 проценти, додавајќи дека тоа е показател за подобрување на економските перформанси.
Осврнувајќи се на образованието, Мицкоски рече дека за разлика од претходно, кога учениците останувале без учебници, сега тие се обезбедени навреме. Тој информираше дека се подготвени 60.000 нови учебници кои учениците ќе ги добијат на почетокот на новата учебна година.
Во делот на инфраструктурата, премиерот нагласи дека во моментов се реализираат шест автопатски делници. Најави дека договорот за изградба на автопатот Блаце – Скопје ќе биде потпишан во понеделник, а како следни приоритети ги наведе делниците Букојчани – Кичево, Кичево – Охрид, Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани.
„За првпат се случува во исто време да се работи на шест автопатски делници“, истакна Мицкоски.
Тој изнесе и податоци за земјоделското производство, наведувајќи дека откупот на тутун е зголемен од 16 милиони килограми во 2024 година на 26 милиони килограми во 2025 година, додека производството на грозје, според неговите информации, пораснало од 70 милиони на меѓу 120 и 130 милиони килограми.
Мицкоски додаде дека нивото на исполнетост на акумулациите, кое во август 2024 година изнесувало осум проценти, сега достигнало 80 проценти. Посочи и дека се надминати проблемите со неисплатените плати во јавните претпријатија „Национални шуми“ и „Водостопанство“, при што, како што рече, платите сега се исплаќаат редовно.
МАКОТРПНО РАБОТИМЕ, ЗГОЛЕМИВМЕ ПЕНЗИИ И ПРОСЕЧНА ПЛАТА, ИМА УЧЕБНИЦИ И СЕ ГРАДАТ АВТОПАТИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ
2 Mins Read
Next Article 55 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА РОК ИКОНАТА ЏИМ МОРИСОН

