СВР Охрид поднесе кривични пријави против две лица од Охрид, осомничени дека се вмешани во случајот со смртта на 44-годишниот С.П., кој почина откако проголтал паковка со дрога.
Кривичната пријава е поднесена против А.З. (55) и И.М. (32) поради сомнение дека А.З. неовластено пуштил во промет наркотична дрога, додека двајцата заедно се сомничат за „тешки дела против здравјето на луѓето“. На двајцата им е определен притвор во траење од 30 дена.
Според информациите од полицијата, на 8 јули 2026 година, А.З. на улицата „Васил Стефоски“ во Охрид му продал кокаин на С.П. Потоа, С.П. и И.М. со патничко возило „ренџ ровер“ со чешки регистарски ознаки се упатиле кон булеварот „Туристичка“.
На таа локација биле пресретнати од полициска патрола. И.М., кој управувал со возилото, не застанал на дадениот знак од полициските службеници, туку продолжил со движење, по што по преземени дополнителни активности бил запрен.
При контролата, полициските службеници забележале дека С.П. проголтал паковка со дрога. Тој веднаш бил пренесен со возило на Итна медицинска помош во Општата болница во Охрид, каде што, и покрај укажаната лекарска помош, починал.
Надлежните органи продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.

