Околу два месеца пред да почине, во Битола со букет цвеќе ја изненади нејзиниот колега Диме Илиев, со кого се немале видено со години, а со кого глумејќи заедно во 1977 година оставија маестрално дело во Југословенската кинематографија…

Пред 73 години е родена големата актерка Неда Арнериќ (1953 – 2020), која беше првата детска филмска ѕвезда во Југославија која го имаше своето деби во филмот ,,Сон” на 13 години, а на 15 години веќе стана миленичка на младата публика со улогата на бунтовна тинејџерка во филмот ,,Вишна на Ташмајдан”. Потоа, улогите и успесите се редеа.
Сепак, Арнериќ не можеше да ја преболи смртта на својот трет сопруг, хирургот Милорад Мештеровиќ (63), и беше пронајдена почината во својот стан неполна година по неговото заминување.
За 35-годишниот брак со Мештеровиќ, во постари интервјуа раскажуваше дека го запознала случајно, во време кога воопшто не помислувала на љубов, со два брака зад себе.
-Играв во претставата ,,Мушичка”, а тој дојде во театарот. По претставата заминавме на вечера и за кратко време се зближивме… Јас веднаш знаев дека тој е човекот кој ќе ме води низ животот, и не згрешив. Поминавме многу заедно, тој ми е се. Немавме деца, не затоа што не сакавме, туку затоа што не ни се посреќи, раскажуваше таа за српските медиуми.
Откако почина нејзиниот сопруг пак, изјави дека никогаш во животот не почувствувала таква тага, и неретко се пишуваше дека паднала во тешка депресија, а со враќањето во театарот се обидувала пак да застане на нозе и да продолжи со животот.

Околу два месеца пред да почине, гостуваше во Битола, со театарската претстава „Се извинуваме, многу се извинуваме“. Таму, во публика со букет цвеќе ја дочека актерот Диме Илиев, со кого се немале видено со години, а заедно играа во култниот филм ,,Исправи се Делфина”. За улогата во истиот Неда доби две вредни награди – Сребрена арена на Филмскиот фестивал во Пула во 1977 година и Наградата „Царица Теодора“ во Ниш.

