Апелациониот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
Станува збор за случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој ја потресе целата македонска јавност и предизвика големо внимание поради бруталноста на злосторството и текот на истрагата.
Со одлуката на Апелација, постапката против Александар Ѓорчевски продолжува одново. Судот повторно ќе треба да ги разгледа доказите, да ги оцени сите околности и да донесе нова одлука. Укинувањето на ослободителната пресуда не значи дека Ѓорчевски е прогласен за виновен, туку дека второстепениот суд оценил дека предметот треба повторно да се разгледа.
За време на судењето во април 2025 година, Александар Ѓорчевски сведочеше пред судот и категорично негираше каква било поврзаност со обвинетите.
„Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази забележав дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание. Забележав дека демонстрираат гнев и разочарување од таканаречениот цар“, рече Ѓорчевски во своето сведочење.
Тој низ солзи зборуваше за деталите што ги слушал во текот на судскиот процес и за начинот на кој, според обвинението, било извршено злосторството.
„Одново и одново на секое рочиште слушав што му правеле на моето дете. Кој да ја грабне, кој да ја врзе, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, ѝ вршеле психичка тортура, се обидувале да ги замачкаат трагите…“, изјави тој, видно потресен.
„Ако не беа фатени и ако не беа сопрени, тие не ќе престанеа да грабнуваат и убиваат. Тешко дека ќе престанеле со децата“, додаде Ѓорчевски.
Исто така, за време на сведочењето тој кажа дека од 1993 до 1995 година бил нарко зависник, но се рехбилитирал на клиника во Турција. Тврдеше дека немал долгови, иако си дал отказ девет месеци пред да биде грабната Вања.
Апелациониот суд ги потврди доживотните затворски казни за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, осудени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Од Апелациониот суд соопштија дека писменото образложение на одлуката е во изработка поради обемноста и сложеноста на предметот, по што ќе биде доставено до странките и јавно објавено согласно законските процедури.
УКИНАТА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА, КОЈ НЕГИРАШЕ БИЛО КАКВА ПОВРЗАНОСТ СО ОБВИНЕТИТЕ
2 Mins Read

