Осудени лица од повеќе казнено-поправни установи низ државата започнаа со работен ангажман на магистралните и регионалните патишта, како дел од седумдневната акција што ќе трае до 22 јули. Акцијата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка помеѓу Управата за извршување на санкциите и ЈП „Македонија Пат“ и има за цел подобрување на хигиената на патната инфраструктура, но и поттикнување на ресоцијализацијата на осудените лица преку работно ангажирање.
Во акцијата се вклучени осудени лица од КПД Затвор Идризово, КПД Затвор Штип, КПД Затвор Прилеп, КПУ Затвор Куманово, КПУ Затвор Битола, КПУ Затвор Скопје, КПУ Затвор Гевгелија, КПУ Затвор Струмица и КПУ Затвор Струга. Тие работат на патните правци во близина на установите во кои ја издржуваат казната, под постојан надзор на припадниците на затворската полиција.
Покрај работното ангажирање, Управата за извршување на санкциите презема и чекори за зајакнување на психосоцијалната поддршка на лицата кои се во системот. Во таа насока, директорот Александар Пандов потпиша Меморандум за соработка со Здружението на психолози и психотерапевти „Лирас“ од Штип.
Со оваа соработка ќе се обезбеди психолошка и психосоцијална поддршка за лицата под пробациски надзор, како и за осудените лица кои издржуваат казна затвор. Целта е тие да добијат стручна помош во текот на издржувањето на казната, да бидат подобро подготвени за отпуст и полесно да се реинтегрираат во општеството преку постпенална поддршка.
Од Управата посочуваат дека работното ангажирање и психолошката поддршка претставуваат важни елементи во процесот на ресоцијализација, насочени кон стекнување работни навики, личен развој и намалување на ризикот од повторно извршување кривични дела.
ОСУДЕНИ ЛИЦА ЗАПОЧНАА СО РАБОТА НА ПАТИШТАТА, ЌЕ ДОБИЈАТ И ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА
2 Mins Read
Previous ArticleНАТАЛИЈА САКАШЕ РОЗОВА КУЌА – МАРКО Ѝ ЈА ИСПОЛНИ ЖЕЛБАТА

