Американската музичка ѕвезда Мерилин Менсон синоќа приреди вистински спектакл во загрепската Арена, каде илјадници фанови уживаа во неговиот препознатлив мрачен сценски настап, силна енергија и хитови од неговата богата кариера, јавуваат хравтските медиуми.
По повеќе од 20 години, контроверзниот музичар повторно застана пред хрватската публика и покажа зошто со децении е едно од највлијателните имиња на алтернативната рок-сцена.
-Менсон настапи во рамки на турнејата „One Assassination Under God“, а концертот донесе комбинација од моќен звук, драматична сценографија и неговата добро позната готик естетика која ја следи неговата кариера.
Како и во текот на целата негова кариера, настапот не помина без внимание и коментари во јавноста. Додека неговите обожаватели го сметаат за еден од најоригиналните артисти во рок-музиката, неговиот провокативен имиџ и понатаму предизвикува различни реакции.
Сепак, за фановите во Загреб, вечерта беше посветена на музиката и на враќањето на еден од најпрепознатливите рок-перформери на светската сцена. Концертот во Арената уште еднаш покажа дека интересот за Мерилин Менсон и неговиот специфичен музички израз сè уште е силен кај публиката, пренесоа тамошните медиуми.
Истакнуваат дека голем интерес предизвикал и официјалниот продажен штанд на концертот, каде фановите можеле да купат маици, дуксери и други сувенири со мотиви на Мерилин Менсон. Цените, сепак, не биле ниски – за официјална маица требало да се издвојат околу 50 евра, додека дуксерите се продавале по цена од околу 100 евра.
Previous ArticleГРАЃАНИ БАРААТ ЗАБРАНА НА НАСТАПИТЕ НА ДЕСИНГЕРИЦА ВО ЦРНА ГОРА

