Општина Гостивар информира дека денес од 14:30 часот во просториите на Територијалната противпожарна единица во Гостивар ќе се врши бесплатна дистрибуција на вода за пиење за социјално загрозените семејства.
Од локалната самоуправа ги повикаа граѓаните на кои им е потребна вода да дојдат и навреме да се снабдат.
Мерката следува во период кога во Гостивар е актуелна здравствена состојба поради големиот број граѓани кои побараа медицинска помош. Во изминатите три до четири дена, повеќе од 1.000 пациенти се јавиле во Општата болница во Гостивар со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот, покачена телесна температура и омалаксаност.
Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, преку објава на Фејсбук ги повика граѓаните да останат смирени, наведувајќи дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе привремена забрана за користење на водата од градскиот водовод во Гостивар за пиење и подготовка на храна, поради основано сомнение дека водата е сериозно загадена и може да претставува опасност за здравјето на граѓаните.
Во врска со случајот, од Секторот за внатрешни работи – Тетово соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Комуналец“ и Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните. Според информациите на полицијата, со цел да се зголеми притисокот во градската водоводна мрежа, биле незаконски поставени пумпи во корито со истечни отпадни води, по што, според сомневањата, загадена вода навлегла во системот за водоснабдување.
Надлежните институции продолжуваат со испитувањата за утврдување на причините за инцидентот, додека на граѓаните и понатаму им се препорачува да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна сè додека не бидат објавени официјалните резултати од анализите.
ГОСТИВАР ДЕЛИ БЕСПЛАТНА ВОДА ПО ЗАБРАНАТА НА АХВ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ВОДАТА ОД ГРАДСКИОТ ВОДОВОД
2 Mins Read

