Министерот за здравство д-р Сашо Клековски, денес, ја посети Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар и направи увид во состојбата на пациентите на детскиот и инфективниот оддел, при што им посака брзо закрепнување и разговараше со раководството и здравствените работници на болницата, како и со претставници на Центарот за јавно здравје.
Потоа, ги информираше медиумите за состојбата на поголем број пациенти со стомачни проблеми.
Во последните 24 часа се примени 260 лица, од кои 100 на детскиот оддел и 160 на инфективниот оддел. Во моментот на посетата имаше 7 пациенти на детскиот оддел и 20 пациенти на инфективниот оддел.
Првите случаи во болницата се регистрирани на 13 јули, во доцните ноќни часови, иако се можни претходни индивидуални случаи. Вкупниот број надминува илјада пациенти, а претпоставениот врв е во последните два дена.
Сите пациенти имаат стомачни проблеми (дијареја, повраќање), некои со треска (температура) и со дехидратација. Се третираат со инфузии (за дехидратација) и симптоматски, а најголемиот дел се упатуваат на домашно лекување. Три деца се задржани на набљудување.
Пациентите се од сите возрасни групи, најмногу деца и возрасни со коморбидитети. Повеќето се од Гостивар, но и од околните населени места Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште и др.
Истражувања вршат Институтот за јавно здравје (по барање на Јавното обвинителство), Центарот за јавно здравје и болницата.
Се истражуваат примероци на вода, лабораториски крвни анализи и копрокултура. Примероците на вода се испитуваат хемиско-физички (вкл. тешки метали), бактериолошки и паразитолошки. Другите анализи се фокусираат на бактерии и вируси.
Досега се земени само 18 епидемиолошки анкети, а недоволно копрокултури.
За соодветна истрага неопходни се многу повеќе. Разбирајќи ја состојбата на пациентите, апелирам на соработка со епидемиолозите.
Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот. Другите опции треба да ги потврдат епидемиолозите.
Здравствените власти ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор. Дел од информациите се во надлежност на Јавното обвинителство.
Пофалба до ОБ Гостивар и сите здравствени работници во Гостивар – во болницата има терапија за сите пациенти, а потребите од лекари и медицински сестри на инфективниот оддел се покриваат од другите оддели во болницата, соопштија од МЗ.
КЛЕКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА БОЛНИЦАТА ВО ГОСТИВАР: 260 ПРИМЕНИ ПАЦИЕНТИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 24 ЧАСА, ОД КОИ 100 НА ДЕТСКИОТ ОДДЕЛ!
2 Mins Read

